Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
Писмо од Апостол војвода до беговите во Солун [1] Изет и Хикмет

Апостол Петков војвода

Преку г-н Саул,
за Изет -ефенди и Хикмет-ефенди во гр. Солун

11 септември 1904 г.

Селаните од вашите чифлици Лицариново и Свети Георги нема минута да не се поплачат од поставените субашии и падари Арнаути. Tоа што тие го прават со населението и нивните постапки воопшто се веќе неподносливи и гласот на тоа бедно население е така очаен, да не знаат кој пат да го фатат. Ќе ви се поплачат и вам, но со оглед на заплашувањата на падарите и субашиите, тие молчат и сe поднесуваат со трпение до моментот на одмаздата. Којзнае дали вам ви се познати тие маки на вашата раја. И зошто да ви се поплакуваат вам, кога нивните жалби остануваат како глас впиен во пустината. Тие нивни поплаки дојдоа до нашите уши и како заштитници на населението ја имаме смелоста да го упатиме до вас сегашното писмо и да ве замолиме, час побргу да ги истерате од вашите чифлици субашиите и падарите, и да ги замените со христијани. Ако ова не се направи во рок од десет дена, треба да ви е познато дека ние ќе ги избркаме, кога ќе ги казниме со смрт, а вашите конаци и чифлици ќе ги запалиме. Ќе сакаме уште и да го ослободите населението од несправедливите грабежи на падарите и субашиите, затоа што ништо не им дааат да внесуваат во куќите на рајата, додека најнапред не се однесе во конакот кај субашиите, било грав, било мисир и др. и кога ќе им падне на памет, тогаш ги повикуваат селаните да си го земат делот, но дури откога ќе си задржат во конакот колку што си сакаат. Треба да знаете дека ако вие сте бегови и располагате со милиони, тоа е сe од грбот на тоа бедно население; од нивните маки вие живеете како вистински лордови и се шетате со пајтони и се движите кадешто сакате. Тоа многу добро го знаете, но се чудите на каков начин да им дадете некои права за посамостоен живот на таа ваша раја. Сте поставиле едни голи Арнаути, грабачи, коишто станале поголеми од самите вас. Тие дојдоа голи, но сега се облечени и располагаат со ќемери[2]. Досега ќе ги казневме вашите субашии и падари, но кога разбравме дека се ваши чифлиците, си рековме најнапред да ве потсетиме со едно писмо и ако не нe послушате, после ова наше писмо веќе ќе не чуете на дело.

Луѓето, коишто ви го предаваат нашето писмо, нема зошто да ги казнувате, затоа што се со сила натерани.

Уште еднаш ќе ве потсетиме да ги истерате субашиите и падарите - Арнаути од чифлиците и да ги замените со христијани за брзо време, за да не пострадаат.

Ќе сакаме уште и ливадите да не им се даваат оваа година на Арнаути - ќаји, затоа што ако тоа го направите, по ред ќе ги казнуваме. Вие сте разумен човек и веруваме дека не разбравте што сакаме да ви кажеме и веднаш да се зафатите со исполнувањето на нашето писмо.

Од Горската управа
Апостол Петков, војвода.

1.Писмото е испратено преку солунскиот евреин-милионер Саул Модиано.
2.Ќемери – кожени или платнени појаси со преграда за лири и сребрени пари.

<<Назад | Почеток

granicnik